Во Драмскиот театар денеска се одржа комеморација за актерот Димче Мешковски кој почина по долго боледување на 20 март, во неговиот дом во Лос Анџелес (САД).
Според актерот Драган Спасов-Дац, Мешко ги имал сите болести на овој свет, а бил поздрав од сите.
-Мешко, глумците не умираат, немаат години, глумците на своите матични сцени остануваат долго, долго по нивното физичко заминување. Зад глумците остануваат нивните претстави, филмови, анегдоти. Се слушнавне девет дена пред да си заминеш. Можевме да зборуваме со часови, ти го раскажував она што не можеше да го најдеш на интернет, а беше информиран за сѐ. Беше вљубен во својата Марица како првиот ден и велеше: ‘Ако ме остави Марица, јас ќе умрам’. Ги имаше сите болести на овој свет, а беше поздрав од сите, рече Спасов-Дац.
В.д. директорката на НУ Драмски театар Скопје (ДТС) Маја Вељковиќ-Пановска потенцираше дека заминува уште еден од оние кои го создадоа брендот Драмски театар.
-Театар препознатлив по својата авангардност, по своите претстави за кои се бараше карта повеќе, театар понекогаш бунтовен и критичен, театар на комедии кои опстојуваа со години, па и децении. Во сето тоа Димче Мешковски. Сите овие синоними важат и за Мешко. Бунтовен, критички расположен, но многу инспиративен, рече Вељковиќ-Пановска.
Актерот Коле Ангеловски на комеморацијата напомена дека со Мешко заедно работеле на претстави, кабареа, ТВ серии, фимови… Како што посочи, ќе го памети само по убаво и по смеа.
-Заедно работевме претстави, кабареа, ТВсерии, фимови, не знам како постигнувавме. И така 40 години. Повеќе бев во Мешко отколку со моето семејство. Мешко беше песнопоец, еднаш во Полска по грешка запеа руска песна, па потоа кога сфативме колку Полјаците не ги сакаат Русите, повеќе не ни се повтори. Мешко само по убаво и со смеа ќе го паметам. Се надевам дека сега горе со брат ми Дади и со Мичо Егеецот играта брич, посочи Ангеловски.
Мешковски беше вработен во Драмски театар Скопје од 1967 година до неговото пензионирање во 2002 година.
Актерот забележа над 100 одиграни улоги со над 6.000 изведби. Во неговиот драмскиот опус се претставите „Смртта на Дантон“, „Балконот“, „Вишновата градина“, „Јане Задрогаз“, „Чернодрински се враќа дома“, „Зојкиниот стан“, „Калигула“, „Ревизор“, „Диво Месо“.