Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на настан во чест на 3-годишнината од приемот на Република Северна Македонија во НАТО, организиран од Министерството за надворешни работи.
Станува збор за традиционален НАТО појадок со амбасадорите на земји членки на НАТО, како почеток на Деновите на НАТО во Северна Македонија, што се одржа во Клубот на пратеници во Скопје, а како специјална гостинка присуствуваше и украинската амбасадорка.
„И како премиер на држава којашто ја исполни 30-годишната стратешка цел и веќе 3-та година е членка на НАТО, можам само да порачам дека е незаменливо чувството да не сме сами. Да сме во семејството на демократски народи и држави кои функционираат по принципот „Еден за сите и сите за еден“.
Во услови кога светот, во 21-от век се соочи со целосно неразумна и недозволива агресија на Руската Федерација врз една суверена и независна држава – Украина – светлото е вперено кон НАТО.
Пристапот во НАТО е излез од неизвесност и влез во сигурност.
Затоа е клучно да продолжи политиката на отворени врати на НАТО кон државите од европскиот континент коишто имаат вакви аспирации“, рече премиерот Димитар Ковачевски.