Пакистански исламист, за чие пронаоѓање е објавена награда од десет милиони долари, се појави вчера на митинг во Исламабад, чии учесници ја осудија Индија, нарекувајќи ја „терористичка држава“ и бараа отпочнување на „света војна“ против неа.
Хафез Саид е обвинет во Индија дека го организирал нападот врз финансиската престолнина Мумбај во 2008 година, кога вооружени исламисти убија 166 лица во период од три дена. САД објавија награда од десет милиони долари за информација за негово апсење.
Хафез Саид е основач на „Лакшар е таиба“, исламистичка организација, забранета во Пакистан и вклучена на листата на САД на терористички организации, но неофицијално е толерирана од пакистанските власти.
Во моментов Саид е лидер на крило на групацијата, кое се занимава со социјална дејност.
Индија ги критикува пакистанските власти поради тоа што не го апсат, иако има доволно докази против него и му дозволуваат слободно да живее во вила во Лахор, која е обезбедувана од полицијата.