Премиера на филмот „Кајмак“ на Софискиот филмски фестивал

Од:

Во Домот на киното во Софија, на 27. издание на „Софија филм фест“, беше претставен филмот „Кајмак“ на познатиот македонски режисер Милчо Манчевски, кој работи во Холивуд. Ова беше премиера на „Кајмак“ во Бугарија. Манчевски годинава беше избран за претседател на меѓународното жири на Софија филм фест заедно со други етаблирани имиња од светот на европската и светската кинематографија.

Филмот на Манчевски „Кајмак“ наиде на овации и голем интерес. На проекцијата во Софија присуствуваа претставници на бугарската културна елита, меѓу кои режисери, актери, странски дипломати, претставници од културните центри на голем број европски земји во Софија, а покрај нив беа и амбасадорот на Северна Македонија во Бугарија, Агнес Руси-Поповска, како и директорот на КИЦ на Северна Македонија во Бугарија Сашко Насев. До доцна по проекцијата, гледачите на филмот му поставуваа прашања на македонскиот режисер Милчо Манчевски и на дел од актерите во „Кајмак“ за пораките, за провокациите на киното кон луѓето и како се вклопила екипата на актерите за време на снимањето на „Кајмак“.

Во текот на неделата пред бугарската публика како дел од Софискиот филмски фестивал беа прикажани и неговите претходни филмови – „Пред дождот“, „Прашина“, „Врба“, „Бикини Мун“, како и копродукцијата меѓу Северна Македонија, Франција и Бугарија „Мајки“. Ретроспективата на Манчевски започна со два негови кратки филма – „Четврток“ и „Крајот на времето“. Во 2020 година Манчевски гостуваше во Софија за да го претстави својот филм „Врба“ и ја доби Специјалната награда на Софискиот филмски фестивал.

Би можело да ве интересира

„Кајмак“ на Манчевски награден на фестивал во Палермо

Уште една награда за Милчо Манчевски, овојпат во Италија

Награда за „Кајмак“ на Манчевски во Калифорнија

„Кајмак“ претставен на Сараевскиот филмски фестивал

Предраг Петровиќ

Лазаревски реагира на објавата на Венецискиот филмски фестивал: Нема прогон на автор, туку расчистување на финансиски злоупотреби

Сара Климоска најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Сомбор