Маричиќ: Ќе се формира експертска група за уставните измени

Од:

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на брифингот со новинарите во Брисел порача дека државава не треба да го пропушти политичкиот моментум што го има оваа година во пристапниот процес, најавувајќи во исто време дека ќе се формира експертска група којашто ќе ги формулира амандманите за уставните измени.

Како што јави известувачот на МИА од Брисел, Маричиќ најави дека ќе поканат неколку видни експерти по уставно право, но, како што рече, вратата ќе ја остават отворена и за сите политички партии коишто ќе бидат поканети да номинираат свои претставници со цел да се формулираат уставните амандмани.

Тој потоа очекува и поширока општествена расправа пред уставните измени да влезат во Собранието, во која би се дискутирало и за самите амандмани, но, како што рече, и да се почувствува импулсот на граѓаните.

Маричиќ потсети дека уште кога бил прифатен францускиот предлог, ставот бил дека таа обврска не излегува надвор од концептот на нашиот Устав ниту, како што кажа, повредува некои од основните принципи на највисокиот правен акт со додавањето на неколку заедници меѓу кои и Бугарите, не го менува карактерот на нашата држава, ниту пак она што веќе е утврдено со уставните измени од 2001 година.

Тој е дециден дека немаме повторно можност да ги преговараме условите под кои ќе пристапиме кон ЕУ. Вели дека Преговарачката рамка е усвоена и таа нема да биде повторно предмет на дискусија. Тој оценува дека одредени политички актери даваат некаква лажна надеж, особено, како што кажа, од најголемата опозициска партија, дека е можно повторно да се преговара францускиот предлог и да се издејствуваат подобри услови под кои би пристапиле кон ЕУ.

Тој вели дека тоа е невозможно и дури да се тргне по тој пат и како што вели, тоа би можело да значи уште еден циклус од десетина, 15 години.

Во оваа смисла вицепремиерот посочи дека иако не е идеален тоа е компромис што ни овозможува од една страна да влеземе на патеките заедно со Албанија и да го фатиме возот на Србија и на Црна Гора, а во исто време да не отстапиме од нашите идентитетски позиции и обележја.

За него е многу важно што во оваа фаза ја имаме поддршката на другите 26 земји-членки. Рече дека имало сериозна битка за заклучоците за Процесот за стабилизација и асоцијација, што ќе се одржи првпат в петок во Скопје, во која на страната на земјава застанале сите 26 членки на ЕУ, оценувајќи дека е важно да ја задржиме таа поддршка на сите 26 земји-членки, преку, како што кажа, реформскиот процес и исполнување на обврските од Преговарачката рамка поврзани со францускиот предлог.

Затоа, според него, не треба да се пропушти политичкиот моментум што го имаме оваа година, бидејќи наредната има избори за Европски парламент, поради што ќе започне долг процес меѓу мај и ноември за рекомпонирање на институциите – ќе има нова ЕК, со нови луѓе во неа.

Посочи дека е важно да ја држиме динамиката и на скринигот и е важно да ги добиеме извештаите од скринингот што побрзо, затоа што, кажа, ќе ни помогнат во обликувањето на задачите до членство.

Информира и дека Европската комисија бара од земјава да има амбициозен, но реален план за реформите, особено во клучните области.

Вицепремиерот ја најави и посетата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на Скопје на 5 април, потсетувајќи на барањата и на хрватската заедница во земјава за влез во Уставот.

Маричиќ на брифингот со новинарите во Брисел исто така ја повтори и проекцијата до 2030 година државава да биде подготвена за членство во ЕУ.

Би можело да ве интересира

Рокас повтори дека мора да се направат уставните измени за прогрес кон ЕУ

Катерина Ѓуровски

Продолжувањето на пристапниот процес за Северна Македонија зависи од уставните измени за кои земјата се обврза порача Писонеро

Гаши: За да почнат уставните измени треба договор и политичка волја

Катерина Ѓуровски

Уставни измени, правосудниот систем и реформите поврзани со ЕУ, главни препораки во Извештајот на Европската комисија

Мицкоски: Предлог уставни измени во Собранието, пред формирање влада во Бугарија, е наивно

Катерина Ѓуровски

Неодбивањето на Фон дер Лајен на нашиот предлот значи дека има простор за потенцијално решение за уставните измени толкува Муртезани