Меѓународен синџир на шверцери беше разбиен во заедничка акција на американската и австралиската агенција за борба против наркотици.
Во акцијата биле запленети 2,4 тони кокаин на брод кој превезувал дрога од Јужна Америка во Австралија.
Запленетиот кокаин, поврзан со мексикански нарко-картел, има улична вредност од околу 1 милијарда австралиски долари (677 милиони американски долари) и е еквивалентно на половина од проценетата годишна побарувачка на Австралија, што ja прави заплената една од најголемите зa австралиската полиција, пренесува Ројтерс.
Државната полиција на Западна Австралија во саботата објави дека 12 лица веќе се уапсени и обвинети.
Во полициска операција во Западна Австралија, пратката со кокаин фрлена во морето била заменета со идентични пакувања во кои имало лажен кокаин.
Полицијата фрли пакети со лажна дрога во морето на 28 декември на околу 40 наутички милји западно од главниот град Перт.
Тројца осомничени членови на австралискиот огранок на нарко-мафијата беа уапсени на 30 декември со 1,2 тони лажен кокаин откако трипати пловеле низ разбрануваното море за да ги соберат пакетите.
Полицајците потоа пронајдоа повеќе од 2 милиони австралиски долари во готовина.
Поздравувајќи го успехот на операцијата Плажа во Западна Австралија, полицискиот комесар Кол Бланч рече дека операцијата испратила порака до меѓународните трговци со дрога – „вашата смртоносна дрога не е добредојдена овде“.