Спасувачките тимови денеска продолжуваат со потрагата по преживеани од најтешката железничка несреќа во грчката историја, пребарувајќи ги вагоните на возот кој излета од шините, а потоа се запали, при што загинаа 46 луѓе, но надежта за пронаоѓање преживеани исчезнува.
Најмалку 46 лица загинаа во вторникот вечерта во несреќа што се случи на 534 километри северно од Атина, кога брз патнички воз со повеќе од 350 патници кој патувал за Солун се судрил со товарен воз што доаѓал на истата пруга, а потоа излетал од шините и се запалил.
Несреќата се случила во близина на градот Лариса. Иако спасувачите се уште се на терен, надежта дека ќе пронајдат некој преживеан 34 часа по несреќата исчезнува.
„Ќе биде многу тешко да се најдат преживеани со оглед на температурата што се разви во вагоните. Тоа е најтешкиот дел, наместо да спасуваме животи, треба да ги извадиме мртвите“, рече 40-годишниот спасувач Константинос Имамидис.
Се верува дека многу од жртвите се студенти кои се враќаат дома по продолжен викенд. Шефот на болницата во Лариса, Апостолос Комнос изјави дека повеќето од загинатите се на возраст од дваесет години. Официјалните лица очекуваат дека бројот на загинати ќе се зголеми.
И додека премиерот Киријакос Мицотакис ја обвини човечката грешка за несреќата, железничките работници ширум земјата денеска ја напуштија работата, тврдејќи дека сите влади ги игнорирале предупредувањата за потребата од подобрување на безбедносните стандарди.
Управителот на железничката станица во Лариса е уапсен вчера и денеска треба да се појави пред локалниот суд. Многу патници морале да ги скршат прозорците за да избегаат од пожарот. Откако се запали, температурата во вагоните на возот се искачила на 1300 степени Целзиусови, пренесуваат грчките медиуми.
За да се идентификуваат некои од жртвите, роднините морале да дадат примероци од ДНК во болницата во Лариса. Министерот за транспорт Костас Караманлис поднесе оставка и ја презеде одговорноста за состојбата на железниците во земјата, кои „не се соодветни за 21 век“.