Неверување, очај и гнев владеат во Грција откако десетици луѓе загинаа во најтешката железничка несреќа во историјата на земјата. Најмалку 36 лица загинаа во несреќата, која се случи на 534 километри северно од Атина, кога брз патнички воз кој се движел кон Солун се судрил со товарен воз што доаѓал на истата пруга пред да излета од шините и да се запали.
Преживеаните патници од брзиот воз, во кој се превезувале околу 350 луѓе, раскажуваат дека се сеќаваат само на возот кој ненадејно запрел, по што вагоните биле зафатени од пламен. Многумина бегале од пламените јазици преку прозорците, додека други беа исфрлени од возот при судирот и паднале на оддалеченост од 40 метри.
Во блискиот град Лариса, десетици луѓе се собраа пред локалната болница чекајќи вести за своите најблиски.
Никос Макрис со сопругата, се надева на информации за неговата снаа, која била во посета на семејството во Атина. Други чекаа на приземјето на зградата на болницата, многумина од нив плачеа. „Неа ја нема. Овде чекаме од два часот наутро“, рече тој.
Макрис рече дека неговата снаа била во предниот дел на возот каде, според пожарникарите, по судирот температурата се искачила на 1300 степени Целзиусови. „Сега го чекаме ДНК тестот. Ќе бидеме среќни ако имаме тело што можеме да го закопаме“, рече тој.
Се уште не е познато како возовите завршиле на истата пруга. „Поради грешката на еден идиот, загинаа толку многу деца и луѓе“, рече тој.
И другите луѓе беа многу лути. Роднина на една од жртвите извика: „Некое копиле мора да плати за ова“.
Голем дел од жртвите се студенти кои се враќале дома во Солун по продолжениот викенд поради почетокот на грчкиот православен пост. „Ќерка ми ми се јави и ми рече: „Гориме“, изјави еден маж за државната телевизија ЕРТ. Косата и гореше, врескаше“.
Настана паника, се запалија каблите, пожарот веднаш се прошири, а додека се вртевме горевме, огнот беше лево и десно од нас“, изјави 28-годишниот патник Стергиос Миненис.
Друг патник во еден од последните вагони рече дека почувствувал како возот се тресе и потоа се превртел. „Успеав да излезам и да тргнам напред, возот беше свиткан под агол од 90 степени, половина од него висеше над карпата и гореше. Имаше пет повредени каде што стоев“, рече тој.
Долината Темпи, каде што се случи несреќата, има лоша репутација за несреќи. Во 2003 година во таа област во автобуска несреќа загинаа 23 училишни деца.