Европската унија и Обединетото Кралство денеска постигнаа договор за имплементација на Протоколот за Северна Ирска, што отвора ново поглавје во меѓусебните односи, истакнаа претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и британскиот премиер Риши Сунак.
„Постигнавме начелен договор и врз основа на него ќе можеме да отвориме ново поглавје. Договорот обезбедува долгорочни решенија за кои двајцата веруваме дека ќе функционираат за сите луѓе и бизниси во Северна Ирска“, рече Фон дер Лејен на заедничка прес-конференција со Сунак.
„Со задоволство можам да известам дека направивме одлучувачки чекор напред“, рече Сунак, нагласувајќи дека се договорени измените на оригиналниот протокол.
Сега новата Виндзорска рамка означува нов почеток во нашите односи, додаде Сунак.
„Верувам дека најдовме начини да ја отстраниме неизвесноста и предизвиците за народот на Северна Ирска“, рече британскиот премиер.
Протоколот за Северна Ирска е дел од договорот за напуштање на Велика Британија од ЕУ. Тој предвидува Северна Ирска, која е дел од Обединетото Кралство, да остане дел од единствениот пазар на ЕУ за да не се загрозат резултатите од мировниот договор постигнат на Велики петок во 1998 година.
Тој договор ги укина граничните контроли на островот Ирска, меѓу Северна Ирска и Република Ирска.
Сунак рече дека Виндзорската рамка ќе овозможи непречена трговија меѓу Северна Ирска и остатокот од Обединетото Кралство.