Судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица и околу 30 беа повредени, продолжува на 16 март, откако во Основниот кривичен суд Скопје денеска беше испитано вештото лице Јованка Савова, дел од тимот што го изготви супервештачењето за предметот.
По прашањата околу техничките прегледи на автобусот, бранителот на шестообвинетиот продолжи со испрашување на вештото лице во врска со функционирањето на воланот на автобусот.
Прашана дали без да го проверат воланот може да знаат дека тој исправно функционира, таа одговори дека проверка на воланот е извршена од страна на МПС по денот на незгодата.
На прашање дали е можно Машинскиот факултет да погреши од која било причина и тие без да го проверат тоа да дадат мислење по однос на исправноста на воланот, таа одговори „професорот Ќосевски многу убаво опиша на некоја во расправите како тоа го направиле и како такво сметаме дека е најсоодветно бидејќи е веднаш по незгодата“.
Потоа бранителот го испрашуваше вештото лице во врска со прелепените индикатори на кои не можело да се видат проблемите за кои сигнализирале, помеѓу кои биле индикаторот за АБС системот и индикаторот за управувањето со третата пратечка оска, за кои на прашањето дали тие биле прелепени, таа одговори да.
Прашана дали во конкретната ситуација, со брзината со која што се движел автобусот, доколку имало интензивно сопирање, трагите би останале и дали со анализа на тахографското ливче може да се утврди дали имал сопирање, или не, таа одговори дека тахографот е обработен во вештачењето од електрофакултетот и тахографското ливче е предмет на анализа од страна на сообраќајните вештаци.
На денешната расправа вкрстени прашања до ова вешто лице упати и бранителката на петообвинетиот.
Таа упати прашање во врска со потписот на петообвинетиот, за кој, како што посочија и бранителката и петообвинетиот, на конкретниот техничкиот преглед на кој стои потписот од петообвинетиот, тој, всушност, конкретниот ден не бил присутен во зградата.
– Мој потпис ниту стои, ниту можело да стои, не сум бил присутен во зградата, рече петтообвинетиот.
Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење. Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември. Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвиле супервештачењето и тоа сѐ уште трае.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.
Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.
Како што информираше Судечкиот совет, расправата насрочена за 23 февруари се отповикува, бидејќи странките бараа да завршат со испитувањето на вештото лице Зекирија Зекири, дел од тимот што го изготви машинското супервештачење, кое што последните рочишта не се појави поради боледување.