Градоначлникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, денеска го најавија почетокот на уредувањето на новиот Парк на 100 дрвја, што ќе никне на локацијата помеѓу булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов и улицата Народен фронт.
– Градот продолжува да го зазеленува Скопје, и на овој простор што е со површина од 3 900 квадратни метри, ќе изврши реконструкција на зелената површина, ќе подигне нов тревник во кој ќе се постави систем за полевање со 60 прскалки, ќе се отворат 8 нови шахти, како и систем капка по капка до сите новозасадени садници. Во паркот ќе се засадат нови листопадни садници од видовите платани (platanus orientalis), јапонска цреша (prunus serulata), црница (morus alba), јавор (acer negundo), планинска пепел (sorbus aucuparia), како и зимзелени садници од видовите туја (tuja), чемпреси (cupresociparis) и смреки (picea).
– Во изминатиот период нашите екипи засадија околу 50 000 садници и подигнаа тревници на 25 000 квадратни метри на различни локации, што ја измени сликата на градот и придонесува за подобрување на животната средина на скопјани, а се надевам дека и овој нов парк, за кој од Буџетот издвоивме околу 3,7 милиони денари, ќе ги мами жителите од околината да излезат и да се рекреираат – истакна градоначалникот Трајановски.
Во новиот парк ќе има и алпинетум (каменестa градинa) со засадени садници, перени и сезонско цвеќе, а се планира да биде поставен и еден летниковец.
На уредувањето на паркот на терен ќе работат екипите на ЈП „Паркови и зеленило“.