Десетици илјади луѓе утрово се упатија кон центарот на Техеран и другите поголеми градови за да ја одбележат 44-годишнината од Иранската револуција.
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси подоцна треба да се обрати пред толпата на плоштадот Азади (Слобода) во главниот град.
Во 2021 и 2022 година, церемониите за одбележување на годишнината од Исламската револуција во 1979 година беа ограничени поради пандемијата на „Ковид-19“. Властите дозволија одбележување на 44-годишнината, кои, според телевизијата, се организираат во 1.400 градови во земјава.
На плоштадот Азади, луѓето се собраа мавтајќи со портретите на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, основачот на Исламската Република ајатолахот Рухола Хомеини, како и популарниот генерал Касем Сулејмани, кој беше убиен во американскиот напад во Багдад во јануари 2020 годин.
Околу огромниот плоштад поставени се ракети Сеџил и беспилотни летала Шахед 136 од иранско производство.
Прославата се организира во време кога земјата е потресена од протестно движење кое трае веќе пет месеци и е поттикнато од смртта на младата Махса Амини во притвор. Според властите, стотици луѓе, меѓу кои и припадници на безбедносните сили, биле убиени за време на демонстрациите, кои стивнаа во последните недели.
Илјадници луѓе, меѓу кои и културни дејци, адвокати и новинари, беа уапсени.
По повод годишнината од револуцијата, властите најавија дека ќе бидат ослободени уште затвореници. Една од нив е француско-иранската истражителка Фариба Аделхан, која беше уапсена во Иран во јуни 2019 година и осудена на пет години затвор за поткопување на националната безбедност.