Сириската Влада повторно ќе употреби хемиско оружје против сопствениот народ, дококлку САД се откажат од идејата за воена акција против Сирија, изјави денеска британскиот премиер Дејвид Камерон во одговор на пратеничко прашање во Парламентот во Лондон.
На прашање на пратеничка на опозициската Лабуристичка партија „дали ќе води кампања за примирје, наместо за бомбардирање во Сирија“, Камерон нагласи дека американскиот претседател Барак Обама испратил јасна порака до неговиот сириски колега Башар ел Асад околу употребата на хемиското оружје.
Британскиот премиер истакна дека Обама поставил многу јасна црвена линија, дека ако има употреба на хемиско оружје ќе бидат преземени мерки.
Камерон потврди дека Велика Британија нема да учествува во никакви воени операции против Сирија, но нагласи дека меѓународната заедница мора да преземе мерки за да го принуди Асад да се откаже од употребата на хемиско оружје.
Во исто време, францускиот премиер Жан-Марк Еро во обраќање пред Парламентот во Париз изјави дека ако нападот со хемиско оружје во Сирија остане „без одговор“, ќе му се испрати погрешна порака на Иран.
Според Еро, Франција смета дека меѓународната заедница треба да даде „силен и брз одговор, кој ќе има конкретни цели“, бидејќи нереагирањето го доведува во опасност мирот и безбедноста на Блискиот Исток.
Еро нагласи дека ако не се реагира во Сирија, ќе им се испрати порака на земји како Иран и Северна Кореја дека можат да продолжат со развојот на оружје за масовно уништување.
– Ако во Сирија не се реагира со воена акција, ќе остане затворена и вратата за политичко решение на конфликтот… Решението на сириската криза ќе биде политичко, а не воено, Но, да и погледнеме на вистината во очи. Ако не им ставиме крај на ваквите дејствија на режимот (во Сирија), нема да има политичко решение, додаде Еро.