Почина инструменталистот и композитор Милан Завков

Од:

Ненадејно, во 61-та година од животот почина врвниот инструменталист и композитор, првенецот на „Танец“ и долгогодишен раководител на оркестарот, Милан Завков.

-Почитувани, со голема тага и во неверување ви ја пренесуваме жалната вест дека ненадејно, во 61-та година од животот, почина врвниот инструменталист и композитор, првенецот на „Танец“ и долгогодишен раководител на оркестарот, Милан Завков, објави утрово Националната установа – ансамбл за народни игри и песни „Танец“ – Скопје на својот официјален Фејсбук профил.

Од „Танец“ потсетуваат дека љубовта кон музиката на Милан Завков почнува од детството. Тој почнал да свири хармоника од осумгодишна возраст, а веќе на четиринаесет години станува член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец“ со кој раководел Ѓорѓи Димчевски. Потоа, неговите младински денови ги поминува свирејќи во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“, уште тогаш знаејќи дека музиката ќе стане негова животна и професионална определба. Во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје сè уште не постоеле студии по хармоника и така Завков се определува за неговиот втор инструмент, контрабасот и со успех дипломира на одделот за гудачки инструменти.

-Но, без разлика на видот на дипломата, Милан Завков ја продолжува кариерата на својот прв и единствен избор – хармониката и остварува неверојатно богата изведувачка, но и творечка кариера. Во 1970-та година, со популарниот „Октет Македонија“ ја снима својата прва плоча, а во својата натчетиридецениска кариера на полето на народната музика, самостојно, во различни соработки, како и со познатата група „Македонски мерак“ остварува врвни музички интерпретации и сигнификатен опус на композиции и аранжмани за бројни изведувачи, соопшти „Танец“.

Тој на сцената има соработувано со многу имиња, а зад него ќе останат над 150 авторски творби, многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија. Меѓу нив се
врвните хит-мелодии како „Заиграј со мене“, отпеана од Виолета Томовска, „Камен да беше срцето“ и „Свири мајсторе“ од Гоце Арнаудов, „Нема друга Македонија“ од Војо Стојаноски, „Лична Јовано“ и „Лазарополе“ од Наум Петрески, „Пат за Стамболград“ и „Мораш душо да ме разбереш“ од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски.

-Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и се здобива со углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија, се наведува во објавата на „Танец“.

Од 2000-та година Милан Завков беше вработен во Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, како музичар-инструметалист првенец и долгогодишен раководител на оркестарот, со кој остварува бројни концерти и турнеи во земјата и насекаде низ светот.

НУ „Танец“ од името на сите вработени го изразува своето најдлабоко сочуство до почитувачите на Милан Заков и до целото семејство Завкови.

На социјалните мрежи утрово музичари, колеги и обожаватели се простуваат од него.

Би можело да ве интересира

Почина една од повредените во несреќата на железничката станица во Нови Сад

Почина поетесата и авторка за деца, Славка Арсова

Почина писателката Оливера Николова

Почина Квинси Џонс

Македонската естрада се збогува од Зоки Фаци

Катерина Ѓуровски

Почина Зоки Фаци, ја загуби битката со ракот

Катерина Ѓуровски