„Паркинг подарок“, е објаснувањето на организаторите на вчерашниот настан по повод поставувањето на новиот паркинг за велосипеди во Дебар маало. Со пораката дека сакаат Скопје да биде град на велосипеди, велат дека граѓаните на Скопје имаат потреба од велосипедски паркинзи, а со подигнувањето на свеста дека велосипедот треба да биде прво превозно средство сакаат да придонесат за почисто и побезбедно Скопје.
Во организација на друштвото „Скопје Фикси“, а дизајнирана од архитектонското студио „Архитектри“, новиот паркинг за велосипеди има за цел да поттикне поставувања на ваков тип на паркинзи низ сите скопски општини.
„Нашата идеа е да предложиме на секои 100 паркинг места за автомобили да има еден паркинг за велосипеди“, вели за А1он Дејан Ивановски, од Архитектри, објаснувајќи дека со одземање на само едно автомобилско паркинг место, би се поставил целиот паркинг за велосипеди.
Досега добиле одобрение од Општина Центар за поставување на истиот, а во план имаат вакви иницијативи да поднесат и до другите општини во Скопје. Ивановски вели дека самата дозвола за поставување на паркинот е прв чекор, и порачува дека секоја општина треба да има интерес во промовираењето на велосипедската култура.
Од Општина Центар објаснуваат дека во план е да се направи студија за велосипедскиот сообраќај во Центар, како и дека треба да се остварат средби со велосипедските здруженија и иницијативи, додавајќи дека конкретно за овој држач на велосипеди пред кафулето Калдрма, иницијативата е на „Скопје Фикси“.
Освен поставувањето на паркингот, заради завршувњето на сезоната на возење и изработување на Фикси велосипеди, на настанот сите заинтересирани можеа да ги погледнат сите уникатни модели на овој тип велосипеди.
Освен што целата изработка е по желба на клиентите, специфично за нив е што за разлика од вообичаените велосипеди може да се избере фикси осовина кај која педалите вртат и напред и назад.
„Јас ова го нарекувам скирол за возрасни“, вели Јане, од Скопје Фикси, додавајќи дека самиот Фикси не е само велосипед туку и начин на живот.
Темјана Поповска