Најмалку три лица загинаа, додека 32 лица се повредени во пожар што синоќа избувна во Каиро, соопштија здравствените служби.
Министерството за здравство соопшти дека пожарот избувнал во болницата Нур Мохамади, со која управува добротворна организација во населбата Матарија во источниот дел на Каиро, пренесува АП.
Во соопштението на египетското министерство се наведува дека пожарот избувнал во одделението за радиологија, но не се наведува што го предизвикало пожарот.
Министерот за здравство Калед Абдел Гафар рече дека повредените пациенти се здобиле со изгореници, скршеници и вдишување чад и биле префрлени во други болници во Каиро, предупредувајќи дека билансот на загинатите не е конечен.
Градските власти соопштија дека пожарникарите успешно го локализирале, а потоа го изгаснале пожарот.