Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Срѓан Лалиќ е обвинет сведок и не смее да лаже пред судот, бидејќи ако го стори тоа, ја губи можноста за соработка и договорот што го постигнал со Обвинителството.
Одговарајќи на прашање за сведочењето на Лалиќ пред Специјалниот суд на судењето на криминалниот клан на Вељко Беливук и наводите дека лидерот на Кавачкиот клан Радоје Звичер платил пет милиони евра за убиството на претседателот на Србија, Вучиќ рече дека Лалиќ е сведок-обвинет кој наместо „40, 50, 60“ се согласил да одлежи затворска казна од 18 години.
„Тој е млад човек, се спасува кажувајќи ја вистината. Друга работа е што ги урива сите лаги и невистини што другите ги изнесоа во изминатите години, а тоа покажува и каква кампања на криминализација се водеше“, рече Вучиќ.
Вучиќ изјави дека безбедносните служби знаеле се што се подготвува, „и тој ден знаевме дека снајперистот е за мене и надлежните служби си ја завршија работата“.
„Тие си ја завршија работата, за разлика од оние кои не ја работеа во 2003 година“, рече Вучиќ и оцени дека на многумина им недостигало тоа што Лалиќ рекол дека има многу инволвирани лица од српските служби и од црногорската Агенција за национална безбедност.
„Нашите служби и обвинителството ќе имаат многу работа да се справат со тоа. Ова е првпат јавно да го слушнеме, иако знаевме за вмешаност на поединци од различни служби во регионот“, рече Вучиќ.