Претседателот на Србија, Александар Вучиќ пристигна во Костинброд кај Софија, каде што почнува изградбата на гасниот интерконектор меѓу Србија и Бугарија.
Вучиќ на градилиштето го пречека претседателот на Бугарија, Румен Радев и започнаа билатерална средба со делегациите.
Присутен е и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жиофре. Вучиќ и Радев ќе присуствуваат на спојувањето на гасоводните цевки. Предвидено е видео обраќање на еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон.
Меѓусистемската гасоводна врска „Бугарија-Србија“ (ИБС) во Србија ќе биде долга 109 километри, а вкупната должина на двонасочниот гасовод низ двете земји е 170 километри, од Нови Искар кај Софија до Ниш.
Гасоводот има капацитет од 1,8 милијарди кубни метри гас годишно и е проект од заеднички интерес за ЕУ.