Пратеничката Бети Стаменковска Трајковска го налути премиерот Димтиар Ковачевски на кого му поставуваше пратеничко прашање. Во караницата се вмеша и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој го опомена Ковачевски да седне, а од Стаменковска Трајковска побара да го постави прашањето, а не да воведува ред во салата.
„Се надевам ќе слушнете и внимавате премиере додека Ви го поставувам првото прашање, бидејќи, верувам дека ќе излезете и усмено ќе ми го одговорите истото…“, кажа пратеничката, на што премиерот и рече: „Зборете си вие, зборете“, а таа возврати: „Јас како да си зборувам кога премиерот не ме слуша и си прави селфи на телефон“.
На ова суфлирање имаше и од потпретседателот Горан Мисовски кој ја водеше седницата кој и се обрати на пратеничката: „Продолжете вие продолжете“, а пратеничката пак му се обрати на премиерот: „Треба да внимавате на моето прашање. А дали вие си правите селфи на телефонот тоа е ваш проблем“.
На ова премиерот викаше од место убедувајќи дека не правел селфи, додека потпретседателот на Собранието рече: „Продолжете вие, нема да дозволам од говорница да се шират лаги“.
„Сакате да кажете дека го немаше телефонот во раце и не правеше селфи?“, праша пратеничката Бети Стаменковска Трајковска, на што Мисовски и одговори: „Јас сум според Деловникот надлежен да водам грижа за ред.
„Па зошто мене ме опоменавте? Двапати реков премиерот да внимава“, допраша таа.
На ова остра реакција со дерење имаше од премиерот: „….Барам да ми извини…“, по што беше подготвен да ја напушти седницата. Мисовски му се обрати со: „Седете претседателе“.
„Претседателе трипати ви реков внимавајте на поставеното мое прашање, вие не внимавате…“, додаде таа.
На ова на говорницата се појави и Ковачевски.
„Прво сакам да побарам од вас да ми се извините за невистината која ја изнесовте, бидејќи јас вас ве следев со исто должно внимание со кое вие ме следите мене кога јас зборувам. И второ, немаше никакво правење на селфи што можете да го видите од камерите и доколку се придржувате до кодексот на наставник како што сте, ќе треба да станете и да ми се извините за тоа што го кажавте. Бидејќи јас да го направев тоа ќе ви се извинев“, кажа премиерот.