Туберкулозата има човечко потекло

Од:

Меѓународен експертски тим соопшти дека човечката туберкулоза има потекло од африкански групи и племиња и е стара дури 70.000 години, што е спротивно на досегашните верувања.

Ова тврдење на научниците е сосема спротивно на општо прифатеното мислење дека туберкулозата потекнува од животните од пред 10.000 години, а подоцна се проширила и кај луѓето.

Во истражувањето се наведува многу силната врска меѓу еволутивната историја на човечкиот вид и оваа тешка болест од која годишно умираат над милион луѓе во светот.

Претходните истражувања покажале дека човечката туберкулоза се појавила пред 10.000 години во Африка во транзитниот период на неолитот, кога човечката популација почнала да се занимава со земјоделство, кое подоцна ќе стане доминантен начин за обезбедување на храна.

Истражувачите ги комбинирале географските и генетските податоци на 259 видови на туберкулоза за да ја реконструираат историјата на болеста и да ја споредат со потеклото на луѓето во Африка.

– Откривме дека основните видови на човеката туберкулоза настанале на исто место во Африка околу 60.000 години порано отколку што досега се мислело, а тоа ни дава сериозна основа за хипотеза дека туберкулозата всушност се појавила прво кај луѓето, а дури потоа се проширила кај животните, изјави професорот Себастијан Гању од швајцарскиот Институт за тропски болести и јавно здравство.

Главното прашање на кое научниците мораат да одговорат и на тој начин да ги потврдат своите претпоставки е како туберкулозата можела да опстане во толку мала група на луѓе цели 60.000 години.

Изразена карактеристика на туберкулозата, што не е одлика на останатите болести, е што луѓето можат да бидат инфицирани долги години пред да се појават првите синтоми на болеста, а болеста може да се врати и по делумното или целосно лекување по одреден временски период.

Токму овие карактеристики на болеста им дозволуваат на научниците да веруваат дека нивната претпоставка е точна и да им објаснат како туберкулозата се одржала десетици илјади години.

Следниот важен чекор на научниците ќе биде врз основа на генетските информации да го откријат механизмот на активирање и деактивирање на болеста.

Туберкулозата, и покрај се поефикасното лекување, и понатаму претставува сериозна здравствена глобална закана. Според податоците на Светската здравствена организација во 2011 година од оваа болест починале 1,4 милиони луѓе.

Би можело да ве интересира

Исхрана и плодни денови – како одредена храна може да ги зголеми или намали шансите за зачнување

Катерина Ѓуровски

Во ЕУ годишно умираат 10.000 луѓе бидејќи не вежбаат доволно

Ана Ололовска

М-р по фармација Славица Тодоровска од „Хемофарм“ советува: Запекот мора да се лекува

Ана Ололовска

Природата во градот ја намалува осаменоста

Ана Ололовска

Кафето, алкохолот и месото се штетни за бубрезите

Ана Ололовска

Откриен досега непознат дел од човековата вилица

Ана Ололовска