Пет месеци писмено се изработувала одлуката за предметот „Трезор“, втор предмет за кој Апелација ја укина пресудата, а со тоа го ослободи Сашо Мијалков. И во овој предмет, работната група формирана од Судскиот совет констатирала дека и во овој случај, нема образложени оправдани причини за доцнењето при постапувањето на предметот.
„Одлуката за овој предмет била донесена во период од месец дена од одржување на јавната седница. Меѓутоа од донесувањето на одлуката до моментот на нејзно изготвување во писмена форма, се поминати повеќе од пет месеци. Како причини за изминување на толкав период од момент на донесување до момент на писмено изготвување, во писмената изјава на судијата известител се наведени сложеноста и обемноста на предметот и потребата на судечкиот совет да се состанува за проучување на списите на предметот. Тоа го навел и претседателот на советот и еден член. Но во сите писмени изјави од членовите на судечкиот совет, тие навеле дека од моментот на донесување на одлуката, понатаму, во надлежност на судијата известител е динамиката кога одлуката ќе биде донесена. Овде констатиравме дека нема записи за состанување на советот, дали се состанувале – така што ние не можеме да знаеме“, кажа Тања Чачарова-Илиевска, еден од членовите на Судскиот совет.
Таа кажа дека нема никаква писмена трага дека судечкиот совет навистина се состанувал како што се правдал.
„Констатиравме дека по однос на овој предмет дали јавната седница закажана за 10.02.2022 година е одржана или зошто е одложена иако од писмените изјави е видно дека седницата била одложена поради боледување на претседателот на советот кој постапувал во овој предмет. Од одржата јавна седница, 21.04.2022 година до донесување на одлкуката поминале месец дена, таа е донесе на 31.05.2022 година. И во овој случај нема образложени причини за изминување на периодот од пет месеци до изработување на одлуката во писмена форма“, додаде Тања Чачарова-Илиевска, еден од членовите на Судскиот совет.
Сашо Мијалков по година ипол од изречената осум годишна казна затвор, доби ослободување за случајот „Трезор“. Скопска Апелација, го врати предметот на повторно судење. Сметаат дека има суштествени повреди. Одлуката нема да биде јавно достапна, велат од судот, додавајќи дека тоа е пракса.