Втората најсилна партија во Бугарија, „Продолжуваме со промената“ на поранешниот премиер Кирил Петков, денеска го врати мандатот за формирање нова влада, поради што продолжува политичката блокада во најсиромашната членка на Европската унија.
Партијата која беше формирана во 2021 година во екот на масовните демонстрации против корупцијата, не ја доби поддршката од парламентот за листата на национални приоритети што ја подготви во обид да формира малцинска влада со Партијата Демократска Бугарија.
Листата на национални приоритети на партијата Продолжуваме со проимената ја поддржаа 63 пратеници, а против беа 114 од 240 пратеници, по што партијата на Кирил Петков претпладнево му го врати мандатот на претседателот Румен Радев, доделен на нејзиниот кандидат за премиер Николај Денков.
„За жал, декларацијата не доби доволно политичка поддршка, но сигурен сум дека овој напор вредеше. Претстојат дискусии за тоа како треба да се развива државата. Ова не е академска вежба, туку прашање на иднината на нашите деца и внуци, каде сакаме да живееме и како сакаме да живееме“, рече денеска тој откако го врати мандатот.
Пратениците од коалицијата околу партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов и националистичка партија Преродба беа против, додека три политички опции беа воздржани, вклучително и Бугарската социјалистичка партија, поранешен сојузник на партијата на Кирил Петков.
Коалицијата на Бојко Борисов, која на вонредните парламентарни избори на 2 октомври освои најмногу гласови, но само 67 мандати, во декември не успеа да обезбеди мнозинство во парламентот.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев од своја страна инсистираше на разговор со претставниците на ПП за евентуална нивна соработка со ГЕРБ.
„Вчера вашите коалициски партнери од ДБ изјавија дека единствен начин да се формира влада со трет мандат е ако се постигне договор меѓу ГЕРБ и ПП и јас и вие ќе побараме од вас да разговараме за ова важно прашање“, повика тој.
Политичката криза во Бугарија трае од 2020 година, кога земјата беше потресена од демонстрации против владата на Бојко Борисов, каде илјадници бараа елиминирање на корупцијата и политичкото мешање во работата на медиумите и ефективна реформа на судството. Обидите на владата на Бојко Борисов да ги запре протестите со насилство поттикнаа дополнителен гнев и доведоа до подлабока поларизација на општеството.
Од април 2021 година, кога се одржаа последните редовни парламентарни избори, формирањето на стабилна влада е спречено поради острата поларизација меѓу партиите и нивната недоволна сила.
Оттогаш Радев назначи неколку преодни влади, а единствената во полн капацитет, предводена од Петков, беше формирана по вонредните избори во ноември 2021 година, но нестабилната четиричлена коалиција се распадна по само шест месеци, во јуни 2022 година.
Долготрајната политичка блокада може да го загрози влезот на Бугарија во еврозоната на 1 јануари 2024 година и користењето на фондовите на ЕУ за закрепнување на земјата, а ќе ги одложи реформите неопходни за борба против корупцијата.
Извор: МИА