До медиумите беше испратено писмо во кое граѓанин укажува на опасноста од можни несреќи поради необезбедено движење на пешаците.
„Ви пишувам на сите бидејќи не успеав да најдам табла на која ќе го најдам инвеститорот и изведувачот на објектот на раскрсницата помеѓу улица „св. Кирил и Методиј“ (М.Х-Јасмин) и ул. „Македонија“ спроти Музеј на Град Скопје и не сум сигурен кој треба да интервенира.
– Кога почна да се гради и се постави „заштитна“ ограда, тротоарот на главната улица се прекина и пешаците сме приморани да одиме на сосема ризичен и небезбеден дел од улицата. Улицата е една од најпрометните во градот. Во близина од едната страна нема ни пешачки премин за да може да се премине на другата страна на улица.
На другата страна на раскрсницата на ул. „Македонија“ со „Даме Груев“ каде си има табла и пишува дека Инвеститор е Влада на Р.М а изведувач Бетон АД Скопје иако улиците не се толку прометни има направено ограда низ која колку толку може безбедно да се движат пешаци.
Ве молам во најбрз можен рок да излезете на терен и да преземете сѐ што можете за да се обезбеди тротоарот пред да дојде до несреќа“, пишува граѓанинот во писмото.
Општина Центар, информираат за А1он, превзема активности за решавање на овој проблем, кој настана со отворање на градилиштата за изградба на новата зграда на ЕЛЕМ и Катна гаража.
Се работи на восопоставување на нови пешачки патеки за да можат граѓаните безбедно да се движат. Активностите се во рамките на можностите на сегашната состојба на теренот, предизвикана од новите градилишта.