Ексдиректорот на УБК, сега затвореник, Сашо Мијалков, новата година не ја дочекал во струшкиот затвор, каде што издржува затворска казна. Тој бил на продолжен викенд, односно три дена ги поминал надвор од установата. Оваа привилегија му била овозможена од директорот на затворот, Ваљон Ќуља. Мијалков излегол во четвртокот, 29 декември, само три дена по судењето во скопскиот Кривичен суд. Од Управата за извршување санкции тврдат дека тој се вратил на 1 јануари, односно во неделата.
Во струшкиот затвор Мијалков има отворен третман – што значи дека е сместен во најлибералното одделение. Не е првпат тој да користи привилегии од струшкиот затвор. И претходно, во септември, три дена бил пуштен на викенд. Овие погодности му ги овозможува директорот Куља, а за нив е запознаена и Управата за извршување санкции.
За Мијалков, во јавноста имаше низа полемики и за тоа дали тој воопшто престојува во затворот во Струга или се наоѓа во хотелот „Мериот“, чија делумна сопственост е на фирма од неговото потесно семејство. Екипа на „А1он“ го праша лично дали е тоа точно – но тој избра да не одговори. Од Управата за санкции тврдат дека кога направиле вонредна контрола, најавена преку медиумите, го затекле Мијалков во просториите на затворот, а го провериле и видеонадзорот.
„Од видеонадзорот во КПД ‘Струга’ прегледани се снимките и не е утврдено напуштање на затворот, а потоа и враќање од страна на осуденото лице“, посочија од Управата за санкции за „А1он“.
Против ексдиректорот на УБК се водат шест предмети. „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување, за што беше осуден на 12 години затвор, но пресудата е укината во декември.
„Трезор“ за набавката на опремата за следење на комуникациите, за што беше осуден на 8 години затвор, а пресудата беше укината во ноември.
„Плацови на Водно“ за купување на имот за Никола Груевски со партиски донации, за што Мијалков беше осуден на една година и три месеци затвор, а оваа пресуда сè уште е пред Апелација.
„Тортура“ за мачење и сурово постапување при апсењето на Љубе Бошковски, за што доби ослободителна пресуда, а обвинителот бараше преиначување на пресудата пред повисокиот суд.
„Титаник 2“ за изборни нерегуларности, за што беше осуден на три години затвор, пресуда која е укината во декември, а со тоа судиите ставија потпис за застарување на делото на Мијалков.
Единствена казна што ја издржува е за „Империја“, за која Мијалков се спогоди со обвинителката Лиле Стефанова и доби три години затвор, кои сега ги издржува во струшкиот затвор.
Сите пресуди за Мијалков што се укинати се со потпис на судиите од скопска Апелација.