Истакнатите поединци од дијаспората кои ќе бидат носители на Мкарта ќе можат да користат брза лента на двата македонски аеродроми во Скопје и во Охрид, но оваа привилегија нема да важи за бремени жени и лица со посебни потреби.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи по речиси две години откако го промовираше проектот „МКарта“ како признание за истакнати личности и поединци од Македонија, ја претстави можноста носителите на МКарта да можат да користат „забрзан премин“ на аеродромите во Скопје и Охрид, при влегување во државата.
„Проектот МКарта преставува мрежа на наши квалитетни поединци во дијаспората, кои со својата стручност и нагласен ангажман се истакнуваат во новата средина во која живеат, што ги чини вистински амбасадори кои на најдобар можен начин ја претставуваат Северна Македонија. Забрзаниот премин на нашите аеродроми, кое се реализира во соработка со Министерството за внатрешни работи, претставува симболично препознавање на нивниот труд и квалитет и благодарност на нашите институции и држава“.
Додаде дека меѓу носителите има научници, лекари, бизнисмени, културни работници за кои има желба и интерес да бидат дел од нашиот севкупен развој и општествени процеси.
„Аон“ побара одговор од МНР дали министерството ќе им даде ваква погодност и на бремените жени и на лицата со посебни потреби при влез во земјава. Оттаму рекоа дека МКартата им следува само на истакнати личности или поединци од дијаспората кои дале посебен придонес за подобрување на односите на Македонија со државата во која престојуваат, на меѓународниот углед на државата или се признати професионалци во струката. Истата е ограничена со рок на траење од четири години.
„ Како што и вчера беше нагласено, досега се издадени вкупно 69 МКарти на видни личности. Одлуката да се додели МКарта на припадник на дијаспората, темелена е на Законот за надворешни работи (доделување на признанија и благодарници), за што постои и соодветен интерен правилник. Одлуката ја донесува Министерот, на предлог на шеф на дипломатско-конзуларно претставништво на Северна Македонија во странство или друг државен орган. Во процесот е вклучен и Секторот за дијаспора, при МНР. Овој вид на доделување на признанија од страна на МНР е во согласност и со Акциски план на Националната стратегија на Република Северна Македонија за соработка со дијаспората 2019-2023. Процесот на детектирање на истакнати лица од дијаспората продолжува и нема дефиниран број колку би се издале“, рекоа од МНР.
Досега, во соработка со Министерството за култура и Министерството за внатрешни работи, договорени се две поволности – забрзан влез во државата и бесплатен влез во културни установи.
Од МНР не одговорија дали оваа привилегија ќе ја користат и истакнати личности кои живеат во Македонија, но ја промовираат земјата во странство.