Мисијата КФОР соопшти дека на северот на Косово во тек е отстранување на неколку возила останати на патиштата по минатомесечните блокади.
„Мисијата на КФОР спроведува инженерски операции на северот на Косово за да отстрани некои возила блокирани на патот и да ја врати слободата на движење во согласност со нејзиниот мандат на ОН“, се вели во соопштението.
Барикадите што локалните Срби ги поставија во знак на протест против апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ беа отстранети на 29 декември.
Пантиќ беше уапсен како осомничен за организирање напади врз службеници на општинските изборни комисии во северниот дел на Косово и на косовската полиција.
Основниот суд во Приштина на 29 декември му го замени притворот на Пантиќ со домашен притвор, по што започна отстранувањето на барикадите.
Извор: МИА