Бугарските институции беа во контакт со новинарот Христо Грозев, кој работи за британскиот истражувачки сајт Белигнкет, уште пред објавувањето во медиумите на оваа тема и преземени се мерки за да се гарантира неговата безбедност, вклучително и преку соработка со партнерските служби, соопшти прес-службата на претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, претседателот на Бугарија ја следи состојбата со Грозев, откако Москва по него распиша федерална потерница.
За БНТ, новинарот Грозев истакна дека не само што нема да дозволи да биде заплашуван, туку тоа го амбицирало да продолжи со својата работа. Во моментов тој добил поддршка од четири од политичките партии во Бугарија.
Илхан Ќучук го покани во Брисел да го посети ЕП со цел да ги запознае европските пратеници со она што се случува околу него. Ќучук испрати и писмено прашање до високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, за заштита на Грозев. Според него, четири земји му дале гаранција за неговата безбедност: Естонија, Литванија, Шведска и Австрија, каде што живее неговото семејство. Грозев одби да каже во која земја се наоѓа.
Така, според него, ќе биде многу тешко да се прифатат мерките против него од Кремљ. Грозев го прекина одморот и работи на нови истраги заедно со колегите од руското издание „Инсајдер“, со кои Белингкет соработува и ќе ја објави следната серија истраги пред Нова година.
Извор: МИА