Собранието на Црна Гора ќе иницира постапка за утврдување дали претседателот на државата Мило Ѓукановиќ го прекршил Уставот кога не му го врачил мандатот за состав на нова влада на Миодраг Лекиќ, јави агенцијата МИНА.
Парламентот вчера со гласовите на 41 пратеник ја усвои иницијативата за покренување постапка со која треба да се утврди дали Ѓукановиќ го прекршил Уставот.
Претседателката на Собранието, Даниела Ѓуровиќ, изјави дека барањето ќе биде доставено до Уставниот суд, кој ќе донесе конечна одлука дали претседателот на државата го прекршил Уставот или не.
Во иницијативата се наведува дека по изгласувањето недоверба на 43-та влада на 19 август, Ѓукановиќ не му предложил на Парламентот нов кандидат за премиер, што е негова уставна обврска.
Потписниците на иницијативата сметаат дека Ѓукановиќ „несомнено“ го прекршил Уставот и затоа бараат Собранието на Црна Гора да покрене постапка за утврдување дали има противуставно постапување од шефот на државата.
Извор: МИА