Советот за безбедност на ОН синоќа го осуди зголемувањето на ограничувањата за жените во Авганистан и ги повика талибанците, кои се на власт во таа земја, веднаш да ги укинат.
Советот за безбедност „ја повтори својата длабока загриженост поради прекинот на образованието (на девојчињата) по шесто одделение и повика на целосно, еднакво и значајно учество на жените и девојчињата во Авганистан“, се вели во соопштението.
Високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк укажа на „страшните последици“ од одлуката да им се забрани на жените да работат во невладини организации каде што се важен персонал на терен.
Минатата недела талибанските власти им забранија на жените да посетуваат универзитети, што предизвика меѓународен гнев и демонстрации во авганистанските градови. Во саботата објавија дека ги исклучуваат жените од работа во невладини организации, поради што пет водечки меѓународни хуманитарни организации веќе ја прекинаа работата во Авганистан.
„Ниту една земја не може да се развива, па дури и да опстане социјално и економски со исклучено половина од нејзиното население“, се вели во соопштението на високиот комесар на ОН за човекови права Тирк, објавено во Женева.
„Оваа најнова владина наредба ќе има ужасни последици за жените и целиот народ во Авганистан“, рече Тирк, додавајќи дека забраната за работа на жените за невладини организации ќе ги лиши нив и нивните семејства од приход и правото „позитивно да придонесуваат“ за развојот на земјата.
„Забраната значително ќе ја наруши, ако не и уништи, способноста на невладините организации да ги обезбедуваат основните услуги од кои зависат толку многу ранливи Авганистанци“, рече тој. „На жените и на девојчињата не може да им се ускрати нивното право на раѓање“, додаде Турк.
Талибанците, кои се вратија на власт во август 2021 година, ветија дека ќе бидат пофлексибилни, но во голема мера се вратија на строгото толкување на исламот што го одбележа првиот период од нивното владеење од 1996 до 2001 година.
Тие им забранија на девојчињата од повисоките одделенија во основно и средно училиште, ги ограничија повеќето работни места до кои жените имаа пристап и наредија тие да бидат целосно покриени во јавност. На жените им е забрането и да одат во паркови и спортски сали.
„Обидите на владата да ги замолчи жените и да ги направи невидливи нема да успеат, тоа само ќе им наштети на Авганистанците, ќе го зголеми нивното страдање и ќе го спречи нивниот развој“, рече Турк.
Извор: МИА