Турција ја отфрла и е „тажна“ поради новата забрана на талибанската влада во Авганистан, според која жените во земјата немаат право да студираат на универзитетите, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
– Оваа забрана не е ниту исламска ниту хумана. Ние ја отфрламе таквата забрана, рече Чавушоглу на прес-конференцијата со неговиот јеменски колега Ахмед Авад бин Мубарак во Анкара, пренесува Анадолија.
Авганистанското Министерство за образование, управувано од Талибанците, оваа недела соопшти дека пристапот на женските студенти до авганистанските универзитети ќе биде суспендиран до натамошно известување.
Одлуката на Авганистан да им забрани на жените од високото образование претставува „сериозна загриженост“ за Турција, рече Чавушоглу, повикувајќи ги талибанците да ја укинат забраната.
– Каква штета му прави на Авганистан образованието на жените и каква е користа од оваа забрана? (…) Нашата религија, исламот, не е против образованието, напротив, го поддржува образованието, коментира турскиот министер за надворешни работи.
– Очекуваме талибанците да отстапат од оваа одлука. Турција ќе продолжи да обезбедува образование и стипендии за нашите сестри од Авганистан, додаде Чавушоглу.
Забраната најверојатно дополнително ќе ги попречи напорите на талибанците да се здобијат со меѓународно признавање и да ги укинат санкциите кои сериозно ја попречуваа економијата.
ОН, ЕУ и голем број други земји, исто така, ја осудија забраната.
Извор: МИА