Високиот суд во Лондон денеска пресуди дека контроверзниот предлог-закон за депортирање на барателите на азил во Руанда е законски.
– Судот заклучи дека британската Влада постапила според законот кога усвоила мерки за испраќање на барателите на азил во Руанда и дека нивното барање треба да се решава во Руанда, а не во Велика Британија, се наведува во резимето на пресудата објавена од Високиот суд.
Исто така се наведува дека мерките што ги усвои Владата во Лондон не се во спротивност со Конвенцијата за бегалци.
Владата на поранешниот британски премиер Борис Џонсон во април склучи договор со Руанда за депортација во таа земја на мигрантите кои илегално влегле во Велика Британија.
Се уште не е извршена депортација бидејќи првиот лет со мигранти беше прекинат по одлука на Европскиот суд за човекови права, но актуелната британска Влада на премиерот Риши Сунак ја продолжува политиката на претходните влади.
Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) интервенираше, нагласувајќи дека земјата што прима баратели на азил мора да има „минимум доверлив и праведен систем“ за азил, што Руанда го нема, и затоа таквата политика ќе доведе до „тешки ризици и прекршувања“ на Конвенцијата на ОН и за правата на бегалците.
Од почетокот на годината во Велика Британија пристигнале 45.000 мигранти, а претходната година нивниот број изнесуваше 28.526.
На почетокот на октомври, екстремно десничарската министерка за внатрешни работи, Суела Браверман изјави дека нејзиниот божиќен сон е „да види авион кој полетува… за Руанда“.
Извор: МИА