Софија покрена истрага за проруска организација во Бугарија

Од:

Софиското градско обвинителство започна истрага за можно кривично дело сторено против Републиката, соопшти Основното обвинителство на Бугарија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, започната е истрага за активностите на Воениот сојуз – Бугарска народна милиција „Шипка“, дали се работи за антидржавна формација.

Сигналот во градското обвинителство на Софија бил примен неодамна. Не се наведува кој пријавил, само се прецизира дека се проверуваат наводите за евентуално сторени кривични дела според Кривичниот законик на Бугарија поврзани со „злосторства против републиката“.

Како што пренесуваат локалните медиуми, надзорниот обвинител веднаш ја задолжил Државната агенција „Национална безбедност“ да спроведе истрага за случајот. По завршување на увидот, надзорниот обвинител ќе оцени дали има доволно докази за сторено кривично дело.

„Шипка“ е паравоена организација предводена од Владимир Русев, која официјално преку својата веб-страница и социјалните мрежи регрутира луѓе за учество во одреди под знакот на Русија и спроведува пропаганда на Путин насочена против Украина, оправдувајќи ја агресијата на војната.

Германската јавна телевизија ЗДФ пред неколку години објави прилог од вежба на оваа организација во близина на бугарско-турската граница. Човек во маскирна облека и со покриено лице давал инструкции на руски јазик, а самиот Владимир Русев за германските медиуми објаснил дека паравоените групи кои тој ги предводи, бесплатно ги обучуваат руски инструктори.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Пратениците во новиот бугарски парламент не се договорија за претседател

Борисов: Победата на ГЕРБ-СДС е дефинитивна, се обврзавме да формираме влада

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар

„Еуроњуз“: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Северна Македонија во ЕУ?

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени

Сиљановска Давкова: Договор за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот

Горан Наумовски