Петков: Предлог владата на Габровски е маскирана како експертска, но во суштина е на Радев и Борисов

Од:

Предлог владата на Николај Габровски е маскирана во експертска, но во суштина е влада на Бојко Борисов, Румен Радев и Дељан Пеевски, напиша на Фејсбук поранешниот бугарски премиер Кирил Петков, откако денеска беа објавени имињата на предложените министри во неа.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков нагласи дека номинацијата на Николај Павлов за нов бугарски министер за енергетика е збунувачка. Според лидерот на „Промените продолжуваат“, ова е лицето кое на Бугарија дневно во просек и нанесува штета од над милион лева (500 илјади евра). Тој потпишал договор за одбивање на евтиниот азербејџански гас и сумата ја префрлил на руската компанија „Газпром“. Павлов требаше да биде под истрага, но обвинителството ги одзеде материјалите, а потоа ја прекина постапката, напиша Петков.

„Очигледно сето ова нема никакво значење во светот на Борисов и Радев“, напиша Петков во својата објава на Фејсбук.

Петков на својот статус, напишан од странство, прикачил и цртеж на волк во јагнешка кожа. Така, според Петков, маската наречена експертска влада ги крие хибридните назначувања на Газпром-лобито на Румен Радев и корупциското лоби на Бојко Борисов под пригодниот чадор на обвинителството.

Петков е категоричен дека Бугарија не заслужува вакви фасадни демонстрации, зад кои се крие желбата за нови избори!

„Бугарија има потреба од одговорна редовна влада која ќе ја изведе од кризата и ќе продолжи да гради – за народот“, напиша тој.

Би можело да ве интересира

Пратениците во новиот бугарски парламент не се договорија за претседател

Борисов: Победата на ГЕРБ-СДС е дефинитивна, се обврзавме да формираме влада

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар

„Еуроњуз“: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Северна Македонија во ЕУ?

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени

Сиљановска Давкова: Договор за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот

Горан Наумовски