Со измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, забраната за движење на невакцинирани ќе стане законска обврска. Предложените измени министерот за здравство Беким Сали објасни дека се однесуваат на постапката за стапување на сила на мерките што ќе ги препорача Комисијата за заразни болести.
„Овие измени значат дека доколку Владата за време на епидемија одреди мерка тоа значи дека таа мерка е со закон покриена. Досега сите мерки кои беа преземени од страна на Владата се донесени како резултат на предлог на Министерството за здравство, а Министерството за здравство ги предлага врз основа на одлука на Комисијата за заразни болести, така се постапуваше. Денес тоа сакаме да биде покриено со одлука во закон, тоа се привремени мерки. Ќе важат откога ќе помине законот“, објасни министерот Сали.
Не е исклучена можноста измените, кои се носат со европско знаменце поради пандемијата од Ковид-19, да се однесуваат и за евентуална епидемија на морбили.
„Дали некои деца нема да одат на школо ако има епидемија на морбили тоа повторно ќе зависи од Комисијата. Доколку Комисијата, која е составена од експерти, утврди дека одредена група деца кои би биле ризик за себе и за останатите деца, секако дека ќе се донесе таква одлука, но се додека не се донесе законот не може да прејудицираме. Ние сите носиме одговорност кон општото здравје. Начелно овие измени се прават за Ковид – 19, но доколку не ни се појави никаква епидемија не ни се наметнува никакво ограничување“, рече министерот Сали одговарајќи на новинарско прашање.
Тој уверува дека засега нема потреба од ограничувања оти нема никаков ризик за општото здравје.
За измените денес требаше да расправа собраниската комисија за европски прашања, но седницата е одложена за 14 декември.