Сирија доби два милиона дози вакцини против колера, што е прва испорака откако беше погодена од епидемијата на оваа заразна болест во септември, соопшти денеска Министерството за здравство во Дамаск, додавајќи дека е обезбедена од агенцијата УНИЦЕФ и меѓународната организација Гави.
Колерата ја опустоши оваа земја долго време погодена од војна, поради што и е тешко да се бори со епидемијата поради уништениот здравствен систем и системот за дистрибуција на вода за пиење.
Според Министерството, од септември досега во Сирија од колера се заразиле 1.556 лица, а 49 починале.
И Министерството и Обединетите нации сметаат дека епидемијата потекнува од тоа што луѓето пиеле нечиста вода од реката Еуфрат и ја користеле загадената вода за наводнување на посевите, што резултирало со контаминација на храната.
Како што беше соопштено од Дамаск, вакцинацијата ќе започне во декември, ќе трае две недели и ќе се спроведува во областите кои се најпогодени од колера, а тоа се околината на градот Алепо, Деир Езор, Хасака и Рака.
Во светот има недостиг од вакцина против колера, бидејќи неколку земји истовремено се погодени од епидемии поради војни, сиромаштија и климатски промени.
Поради ова, во октомври Светската здравствена организација најави привремена суспензија на дведозната вакцинска заштита, па сега се дава само една доза.
Извор: МИА