Министрите за внатрешни и надворешни работи на Бугарија – Иван Демерџиев и Николај Милков денеска се во посета на Хаг на средби за прашањето за можното приклучување на Бугарија во Шенген, јави БНР.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, тие ќе имаат разговори со холандскиот министер за внатрешни работи, чија земја најкатегорично се противи на бугарското членство во просторот на слободното движење. Бугарскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев на крајот на минатата недела во Брисел имаше прелиминарни разговори со претставниците на Австрија и Шведска и со еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.
Тогаш Дерменџиев коментираше дека Холандија не укажува на конкретни резерви, туку ќе го чека извештајот на мисијата на Европската унија од инспекцијата на надворешните граници, кој е позитивен. Бугарија ќе побара финансиска помош за заштита на нејзините граници, како и помош од европската агенција ФРОНТЕКС. Министерот за правда на Бугарија во службената влада Крум Зарков за БНТ коментира дека одлуката за влез на Бугарија во Шенген ќе биде донесена на 8 декември, а Софија ги има сите шанси да постигне резултат – да ѝ се признае правото и да биде во Шенген зоната.
Тој додаде дека Бугарија во последните месеци успеала да ја привлече поддршката на европските институции по ова прашање на највисоко ниво. На нејзината граница беа извршени неколку проверки и сите се со заклучок дека Бугарија ги исполнува условите за Шенген.
Извор: МИА