Најмалку десет лица загинаа, а десетици се повредени откако исламски екстремисти нападнаа популарен хотел во сомалискиот главен град Могадишу.
Како што јавуваат странските агенции, екстремистите се припадници на терористичката организација Ал Шабаб, која е поврзана со Ал Каеда.
Во нападот е повреден сомалискиот министер за внатрешна безбедност Ахмед Мохамед Дудише, соопшти полицијата.
Како што е наведено, безбедносните сили на Сомалија се борат да ја вратат контролата врз хотелот, популарен меѓу владините претставници.
Неколку министри потврдија дека успеале да побегнат од хотелот „Вила Роз Гест“, а според сведочењето на полицаец биле видени како бегаат низ прозорците.
Во меѓувреме, седницата на двата дома на Парламентот на Сомалија, која беше закажана за денеска, е одложена поради нападот на хотелот од кој се уште се слушаат пукотници.
„Сите пратеници од двата дома на Парламентот на Сомалија се известени дека седницата што беше закажана за денеска е одложена“, се наведува во соопштението на Парламентот објавено на Фејсбук.
Извор: МИА