Премиерот Димитар Ковачевски ги нарече пратениците од партијата Левица класични популисти по блокадата со 1.300 амандмани на измените на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, кој им одговара само на петте национални телевизии. Иако новинарските здруженија повеќе од шест месеци предупредуваат дека овие измени значат озаконување на поткупот на медиумите и враќање на груевистичките методи на владеење, премиерот Ковачевски ја нападна партијата Левица.
„Тоа беше предлог од пратениците што требаше да го регулира објавувањето кампањи од јавен интерес на масовните медиуми и тој закон беше предложен, меѓутоа се случи тој да има огромен број амандмани од партијата Левица. Од партијата Левица не може да очекувате ништо друго, тоа се класични популисти, кои никогаш немаат ништо предложено за граѓаните, освен критика на она што се прави за граѓаните. Можам да кажам, какво и да биде решението, во случај Владата да треба да презеде свој удел, тогаш она што ќе биде за масовните медиуми, јас така ги нарекувам, масовните медиуми кои се на државно ниво, со национална концесија, исто така свој удел во рекламирањето, односно во правењето такви кампањи од јавен интерес, кои треба да бидат без политичко влијание, без никаква можност за злоупотреба од политичка партија, дека треба да важи не само на државно ниво, туку и на локално. Кога се работи за кампањи на локално ниво, тогаш најмалку половина од средствата, значи најмалку половина, мора да бидат доделени за локални медиуми. Тоа е мојот став“, рече денес премиерот Ковачевски при посетата на Тутунскиот комбинат во Прилеп.
Пратениците од Левицата поднесоа 1.300 амандмани до Собранието за измените на законот поради што беше одложена седницата на собраниската Комисија за транспорт и врски, каде што во второ читање требаше да се разгледуваат измените, кои ќе дозволат со државни пари да се плаќаат јавни кампањи во приватните медиуми.
„Нашите пратеници нема да дозволат јавниот простор и слободната мисла да бидат потиснати под чизмата на авторитарниот режим на СДС, кој ги враќа на голема врата најлошите политики од претходниот режим“, соопшти Левицата.
Против измените се и новинарските здруженија, кои се изјаснија дека не биле вклучени, ниту на каков било начин консултирани во ниту една фаза од подготовките на предложените измени, предложениот начин на финансирање е неприфатлив и за Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги.