Британскиот премиер Дејвид Камерон денеска изрази жалење поради тоа што британскиот Парламент синоќа не го поддржа владиниот предлог за можна воена интервенција против режимот во Сирија.
Тој додаде дека се надева оти претседателот на САД Барак Обама ќе ја разбере потребата на официјален Лондон да го послуша својот народ.
– Мислам дека американската јавност, народот и претседателот Обама тоа ќе го разберат, истакна Камерон неколку часа откако Парламентот со 285 гласови „против“ и 272 гласа „за“ го одби неговиот предлог за воена интервенција врз Сирија.
– Не разговарав со Обама по дебатата и гласањето во Парламентот, но очекувам дека ќе разговараме во текот на денешниот ден.
Мислам дека нема потреба да му се извинувам, истакна британскиот премиер.