Не предвидени никакви рестрикции ниту за домаќинствата мниту за компаниите и покрај зголемениот увоз на струја, а ТЕЦ Неготино во моментов нема да се активира поради поевтиниот увоз на струја, смета министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој е убеден дека нема да има никаков проблем со испораката на електрична енергија и топлинска енергија, а граѓаните нема да имаат поголеми сметки од 1 јануари, освен во четвртиот блок кои трошат најмногу, но и плаќаат најскапо.
– Потрошувачката поради блок-тарифите е намалена кај пониските блокови. Тие што штедат, ќе платат помалку, а оние што имаат и не штедат, ќе платат многу повеќе. Се прават калкулации, не се предвидува значително зголемување на струјата за домаќинствата. Јас сум убеден дека ќе има намалување за малите потрошувачи, во делот на блок-тарифите ќе провериме во кој блок ќе има потреба да се интервенира. За четвртата блок-тарифа ќе бидам на страната на тие што сакаат да се покачи цената на струјата – рече Бектеши.
Во последните два три дена бил направен поголем увоз на електрична енергија само поради тоа што претходно била направена набавка на струја за потребите на регулиран пазар. Министерот објасни и зошто ТЕЦ Неготино не работи во овој момент.
– Вториот блок на РЕК Битола беше подготвен да се стави во функција од минатиот викенд, но поради набавката од претходно не беше ставен. Во овој момент новиот трансформатор за РЕК Битола е во Грција каде што се подготвуваат два моста за да помине товарот од 200 тона. Моментално ако го ставиме ТЕЦ Неготино во функција, поради набавката на мазут за производство на електрична енергија, ќе биде поскапа производствената цена на струјата отколку тоа што можеме да го набавиме со увоз за потребите на регулиран пазар – додаде тој.