Посетата на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на Франција почна со посета на училиште во кое децата се школуваат во рамките на специјалната француско-германска програма, јави ДПА.
Бербок утрово се сретна со својата колешка Кетрин Колона.
Германската министерка пристигна во Франција во услови на неодамнешните тензии меѓу Париз и Берлин. На крајот на минатиот месец беше одложена заедничката седница на двете влади, а според Германија, една од причините била потребата од координација за некои „билатерални прашања“. Елисејската палата соопшти дека е потребно повеќе време за да се договорат прашањата за одбраната и енергијата.
Бербок во Париз ќе учествува и на Третата меѓународна донаторска конференција за Молдавија, која беше исклучително тешко погодена од војната во Украина.
Извор: МИА