Кипарските авиокомпании започнаа да ги менуваат термините на летовите до Либан поради опасност од започнување воена интервенција на САД и нивните сојузници против Сирија, изјави претставник на „Сајпрс ервејз“, кој потврди дека од вчера се откажани ноќните летови кон Бејрут.
– Компанијата донесе одлука да ги откаже овие летови поради настанатата ситуација, истакна претставникот на кипарската авиокомпанија.
Кипарските авиони досега сообраќаа кон Бејрут во 20.30 часот по локално време шест дена во неделата, а назад за Ларнака се враќаа во седум часот наутро. Летот трае половина час.
Отсега па се до следната одлука, авиопревозникот ќе лета на релација Ларнака-Бејрут само во 5.30 часот наутро, со цел авионот да не останува во текот на ноќта на либанскиот аеродром, додека терминот на повратниот лет останува ист.
Компанијата „Ер Франс“, исто така, соопшти дека го менува возниот ред на еден од двата секојдневни летови кон либанскиот меѓународен аеродром „Рафик Харири“.