Нема никаков договор околу црквата Св. Димитрија во струшкото село Октиси. На средбата кај владиката Тимотеј, денеска во Охрид, на која требаше да се разговара за проблемот, дојде само градоначалникот на Струга, Зијадин Села, но не и струшкиот муфтија во ИВЗ, Салим Сулејмани.
Станува збор за верски проблем и јас можам да го дадам само својот придонес, верските заедници да се договорат, но не и да се мешам во овие работи, рече градоначалникот на Струга, Села.
„Наша цел е граѓаните да живеат мирно и спокојно и да немаме вакви проблеми. Не ни се потребни верски проблеми помеѓу граѓаните кои живеат во Македонија“, изјави Зијадин Села.
За Села најдобро решение во моментот е издавање на времена мерка, не за забрана за градба, туку за забрана на моментални активности на терен.
„На тој начин, рокот за градба, 30-ти септември, кој православните верници го имаа, ќе се продолжи, а со тоа ќе се даде простор страстите да се смират и верските заедници да се договарат. Тоа е најдоброто решение во моментот, заради безбедносни причини“, рече Села.
Средбата во Охрид доаѓа откако во неделата верниците од муслиманска вероисповест не дозволија да биде поставен камен темелник за иградба на црквата Св. Димитрија во Октиси.
Владиката Тимотеј тогаш рече дека се сомнева дека овие луѓе биле изманипулирани од страна на одредени радикални структури.
Мики Трајковски