Откако вчера ги загрижи своите навивачи со јасните знаци на умор, Новак Ѓоковиќ денеска го победи и заморот и Тејлор Фриц за да се пласира во финалето на АТП финалето во Торино, каде што ќе се бори да се израмни со Роџер Федерер со шеста титула од завршниот турнир.
Ѓоковиќ ја доби битката со Американецот, кој го има еден од најсилните сервиси во модерниот тенис со 7:6(5)/7:6(6) и покрај тоа што во вториот сет беше во негатива и сега во утрешното финале ќе го чека подобриот од мечот помеѓу Русинот Андреј Рубљов и Норвежанецот Каспер Руд.
По драматичните сцени од мечот со Данил Медведев, Ѓоковиќ не покажа тенис од највисоко ниво, но сепак, направи доволно да го елиминира Фриц во шестиот меѓусебен дуел и да го подобри скорот на 6-0.
Ова ќе биде осмо финале на Ѓоковиќ на завршните турнири, во кое ќе ја брка првата титула од 2015 година.