Уште 29 лица и три ентитети се најдоа на списокот на санкции на Европската Унија против Иран.
Овие санкции се поврзани со репресијата на иранските власти врз демонстрантите во протестите против режимот и смртта на младата Махса Амини.
Министрите за надворешни работи на ЕУ порачаа дека силно го осудуваат насилството на иранските власти врз демонстрантите и изразија поддршка за иранскиот народ.
Четири лица поврзани со апсењето на младата Амини, која беше одведена од властите поради неправилно врзување на шамијата на глава, се меѓу 29-те санкционирани, како и раководители на полициски и воени служби. Рестриктивни мерки има и за иранската национална телевизија, Прес ТВ, раководителот на кибер полицијата и министерот за внатрешни работи, Ахмад Вахиди.
На сите овие лица и ентитети им се забранува патување, им се замрзнува имот и се забранува ЕУ граѓани да им ставаат средства на располагање.
Додадени се и забрани за извоз на опрема која може да се користи во внатрешната репресија и разузнавањето.
Вкупниот број лица на списокот на санкции сега изнесува 126, како и 11 ентитети.
Извор: МИА