Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека Бенјамин Нетанјаху, мандатарот за состав на новата влада на Израел, „не е човек кој верува во мир“ со Палестинците, но дека ќе биде принуден да „има работа со него“ дури и ако изгледите за обновување на мировниот процес се минимални.
– Го познавам Нетанјаху, соработувавме многу од 1990-тите и тој не е човек кој верува во мир. Но, немам друг избор освен да имам работа со него, изјави Абас во интервју за египетската информативна мрежа Ал Каиро, пренесоа денеска израелските медиуми.
На Нетанјаху, лидерот на конзервативната Ликуд, најдолготрајниот премиер во историјата на Израел, претседателот повторно му го довери мандатот за формирање влада по победата на парламентарните избори на 2 ноември. Се очекува во таа влада да бидат ултрадесничарските соработници на Нетанјаху, но и верски партнери.
Извор: МИА