На неутрален терен во Охрид, утре ќе се решава за судбината на црквата „Свети Димитрија“ во струшкото село Октиси, поради која верници од православна и муслиманска вероисповест во неделата за малку физички ќе се судреа и ќе предизвикаа инцидент од поголеми размери.
Средбата на која ќе присуствува владиката Тимотеј, поглаварот на Исламската Верска Заедница во Струга, Салим Сулејмани, градоначалникот на Струга, Зијадин Села и други претставници на верските заедници ќе се одржи во седиштето на Дебарско-Кичевската епархија во Охрид. Ова за А1 го потврдија и од општина Струга но и Владиката Тимотеј.
На прашање на А1, дали утре ќе има решение за проблемот владиката Тимотеј со одговор дека работата не е едноствана.
-Средбата ќе биде во текот на утрешниот ден во Охрид, но времето се уште не е дефинирано. Очекувате утре да има некакви резултати? Не треба ништо да се прејудицира. Работата не е едноставна“ рече за А1 Владиката Тимотеј.
Жителите од муслиманска вероисповест не дозволуваат среде Октиси да бидат поставени темели за изградба на црквата „Свети Димитрија“, иако жителите православци велат дека станува збор за црковно место и дека нема да отстапат од намерите за изградба на црква.
„Бараме начин да најдеме решение како да излеземе од овој проблем.Се надевам дека ќе биде добро“, рече поглаварот на ИВЗ во Струга, Салим Сулејмани.
Мики Трајковски