Не е точно дека некој сака да го укине студентскиот оброк, се бара трајно и системско решение за тој да функционира како што беше првично замислен, а по моделот кој се применува во Република Словенија, вели пратеничката и потпретседателка на ЛДП, Моника Зајкова.
Законот за субвенциониран студентски оброк како иницијатива на ЛДП од 2018 година беше едногласно усвоен и од власта и од опозицијата уште во 2020 година, но Министерство за образование и наука не најде можност системски да го имплементира, па лани реши да го менува на начин што се исплаќаа парични средства на трансакциските сметки на студентите без притоа да се има увид дали истите се трошат за храна или други намени. Како компромис поради реакција на младинскиот сектор и универзитетското собрание се воведе преодна одредба во постоечкиот закон која важеше до почетокот на оваа студиска година.
„Измените на законот го нарушија целиот концепт на истиот и го сведоа на ниво на финансиска поддршка. Бидејќи и по цела година од страна на Министерство за образование и наука не беше воспоставен систем за имплементација, а преодната одредба истече се соочивме со вакум период односно период кога студентите не ја користат мерката поради законска празнина“ потенцира пратеничката Зајкова.
Таа додава и дека за да не се губи време во собраниските комисии целосно ќе ги повлечат измените на законот и ќе подготват нов текст во делот на критериумите, усогласен со предлозите на студентските организации.
„Реакциите на студентите се оправдани, тие бараат да се вратат критериумите кои важеа во решението од 2020 година. Но, за да може да бидат вклучени и слушнати изворни нивните предлози пред ова законско решение да влезе на расправа во комисиите истите се поканети на средба во понеделник на која ќе бидат и предлагачите и министерот за образование. Доста е од популизам, доста е од искористување на се и сешто за политички цели и поени, да го направиме законот системски применив и одржлив“ заклучува Зајкова.