Турција ги вложува сите напори да стави крај на судирите во Украина, како и да спречи криза со храна, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Самитот на Организацијата на туркофонски држави кој се одржува во Узбекистан, јави агенцијата Анадолија.
– Ги вложуваме сите напори, преку праведен мир да ставиме крај на судирите кои траат девет месеци во Украина. Додека го правиме ова, ги преземаме неопходните интервенции за да ја спречиме кризата со храна, рече Ердоган во неговото обраќање на Самитот.
Земјите членки минуваат низ чувствителен период „со ризици, но и со можности за нашите земји“, посочи Ердоган и додаде: „Во овој период гледаме дека за нас стана многу поклучно да ја зајакнеме соработката, солидарноста и хармонијата на сите полиња.“
Ердоган ги повика туркофонските држави да ја прошират соработката во спречувањето и менаџирањето на нерегуларната миграција, потсетувајќи дека Турција е земја која е домаќин на најмногу бегалци во светот од 2014 година.
– Би било соодветно за нас да развиеме заеднички безбедносен концепт и да ги продолжиме состаноците на секретарите на Советот за безбедност, додаде турскиот претседател.
Како што пренесе Анадолија, тој, исто така, рече дека Организацијата на туркофонските држави треба да имплементира фонд за јакнење на соработката.
– Би било корисно да се реализира Турскиот инвестициски фонд што е можно поскоро. Верувам дека финансиските можности што ги дава фондот ќе ја зајакнат нашата соработка и ќе ги забрзаат нашите активности, порача Ердоган.
Извор: МИА