За зголемување на платите, колективни договори и хумани услови за работа, но и „да се стави крај на политиката која ги прави богатите побогати, а сиромашните посиромашни“, двата најголеми грчки синдикати на вработените во приватниот (ГСЕЕ) и државниот сектор (АДЕДИ), денеска почнаа 24-часовен генерален штрајк, што ќе ја парализира земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Штрајкот што почна во шест часот утрово ќе создаде проблеми во бродскиот, авионскиот и железничкиот сообраќај, како и во јавниот превоз во Солун и Атина, а во грчката метропола, денеска нема да сообраќаат ни такси возилата.
Бродовите 24-часа ќе останат закотвени на пристаништата, има промени како во железничкиот, така и во авионскиот сообраќај, а во Атина иако беше најавено дека метрото и автобусите неколку часа ќе прекинат со работа, доцна синоќа нивниот штрајк беше прогласен за незаконски и одговорија со 24-часовен штрајк.
Грција денеска ќе биде и без вести и информативни емисии, поради учеството на новинарите во штрајкот, а нема да функционираат ни јавните служби и државните институции, но затворени ќе бидат и некои од продавниците.
Учество во штрајкот најавија и од федерацијата на просветните работници.
Од синдикатите велат дека вработените, како во јавниот, така и во приватниот сектор водат битка со поскапувањата на цените која ги погоди домаќинствата и граѓаните.
-Наглото поскапување на струјата, на горивата, на основните продукти, инфлацијата од 12 отсто ги трошат приходите на работниците, ги осиромашува. Во нашата земја, работниците веќе живеат во перманентна криза, откако веќе 12 години ја плаќаат кризата додека економската олигархија на државата си го зголемува богатството и профитот. Сега е време да се стави крај на оваа политика која ги прави богатите побогати, а сиромашните посиромашни, соопштија од синдикатите во пресрет на денешниот штрајк.
Во повеќе грчки градови ќе се одржат протести, за во Атина, за претпладнево се закажани неколку собири, како од АДЕДИ и ГСЕЕ, така и од синдикатот (ПАМЕ) на Комунистичката партија, а на протест и масовно учество во демонстрациите, преку соопштение повикаа од опозициската СИРИЗА.
Извор: МИА